Окно: Масовно враќање на иселениците во Македонија по песната на Тајзи

Од:

Патриотската порака да не се оди на печалба во субвенционираната песна од Тајзи наиде на потсмев на социјалните мрежи, а се најде и како добар материјал за сатирична обработка. Порталот Окно ја пласира како пара-вест под наслов „Масовно враќање на иселениците во Македонија по песната на Тајзи“.

По објавувањето на субвенционираниот патриотски хит на Тајзи, повеќе од 300.000 иселени Македонци ги започнаа последните подготовки за враќање во татковината.

Од повратниците, околу 250.000 се родени во Македонија, но има и такви кои се родени во други земји, а доаѓаат во државата од која потекнуваат нивните родители и предци само за да ги искусат убавините за кои пее Драган Величковски Тајзи.

29-годишниот Џо Илиевски, родум од Детроит, решил да дојде во Македонија поради стихот „Никој нема никаде да те љуби ко Македонка“, кој предизвикал силна сексуална возбуда кај него.

„Сум имал девојки од различни националности, но ако е така како што пее Тајзи, засекогаш ќе останам во Скопје“, изјави Македонецот Џо за Пара вести.

Бизнисменот Перо Златевски од Гетеборг, пак, се враќа во Македонија поради просветлувањето на неговиот дух од стихот „мали плати, но душа топла“.

„Сфатив дека не е сѐ во материјалното. Што ако парите одат за создавање на силно здравство, за високи пензии и социјална заштита, за квалитетно образование, за уредување на парковите и средување на јавните површини, кога ја нема топлината на душата? Штом ќе се вратам во Македонија, мојата душа ќе се топли и со задоволство ќе гледам како парите што ги одвојувам за данок одат за снимање вакви музички ремек-дела“, вели Златевски.

Целиот текст може да го прочитате овде.

Прочитајте повеќе – ВИДЕО: За какви песни се даваат субвенциите?