Бреее… го слушам денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и не ми се верува. Од камен да беше ке попуштеше. Ги гледам колоните незадоволници во Скопје, ги гледам улиците по многу градови низ Македонија како вријат. А он мртов ладен… со 100% сигурност.
Седум години ги слушаме истите тиради. Седум години гледаме како партиски кадри не разбираат што читат од тоа пусулчињата. МОЌТА НА СИТЕ ИНСТИТУЦИИ Е ВО РАЦЕТЕ НА ОВОЈ ЕДИНСТВЕН ЧОВЕК. А тој ниту збор за компромис, ниту едно гримасиче на несигурност, ниту капка чувство…
Па добро бе, Бранко е крив, во ред… ама 10% и тоа за се што направи до сега и за се што ќе направи од сега. АМА ВИЕ СТЕ ВИНОВЕН ЗА 90% ОД ОВА ШТО ОСТАНА ОД ДРЖАВАТА. А како понатаму и со кого ќе го делите овој процент… Вие си знаете. За нас Вие сте Премиер.
Се прашувам Господине Премиере дали дишеме ист воздух, дали пиеме иста вода, дали јадеме иста храна… а најмногу од се се прашувам ДАЛИ НИЕ БРЕ ЖИВЕЕМЕ ВО ИСТА ДРЖАВА. Јас живеам денес во една ТАЖНА ДРЖАВА СО СИРОМАШНИ ГРАЃАНИ. А вие, во која црна држава живеете вие?
Симнете се до првата продавничка на ќошот. Прашајте ги колкав им е прометот. Слушнете што зборуваат луѓето. Слушнете ги изјавите од обичните луѓе на протестите. Тие не читаат пуслучиња. Нивните извици се крици за подобар живот на нивните внуци. Јас Господине Премиер се уште купувам леб, млеко и весници кај Кире, на ќошот. А вие, лидер на една Народна партија, бре… а не смеете да помислите да излезете ниту на улица… без 6 телохранители… Затоа не барајте вина кај другите Господине Груевски, вината е кај вас, неуспехот е дело на вашите политики, се опкруживте со полтрони и неспособни и алчни типови и типки. По скопските улици се шетаат нови дечки со прескапи џипови и аута и се фалат дека се со вас, ама тие ги спомнувам онака уз пат, ради реда. Тоа е резултат на вашиот див социјален инженеринг.
Затоа Господин Премиер не грешете душа, не ги навредувајте граѓаните на Вашата држава во која досега ви се дозволи да си ги исполните сите ваши детски соништа и желби. Ние, пак имаме само една желба. Ве молиме да направите еден единствен потег, голем политички гест.
ДОЗВОЛЕТЕ ФЕР И ДЕМОКРАТСКА ПРОМЕНА ВО ДРЖАВАТА. Македонија не е казино, не се коцкајте. Кога веќе тоа не го направивте во 2011 година, сега имате уште една шанса. Ако навистина ја сакате Македонија не ја пропуштајте. Оставете делата да зборуваат за вас… ама откако ќе ни требаат баааѓи години да ги заборавиме сите ваши (не)дела.
Историјата е сурова Господене Премиер. Денес сте херој, утре сте предавник. И уште нешто. Во оној момент кога ја добивте сета власт во државата, вие всушност станавте најслаб. Затоа паѓате вака стрмоглаво. Е па вие сте на потег, не ги буткајте вашите проблеми накај другите. ВИЕ РЕШЕТЕ ГИ. На општо задоволство. Сите го чекаат тоа, ама не ви го кажуваат! Освен оние најверни 10-тина души околу вас.
Проф. д-р Петар Атанасов, социолог