Математичарите обвинуваат: Малчески го приватизираше Сојузот на математичари

Од:

Разединетост, нетранспарентност, кавги и обвинувања. Врие во Сојузот на математичарите на Македонија. Повеќе децениската организација, некогаш угледна и почитувана, се наоѓа пред поделба и распаѓање. Дел од членовите и дел од управниот одбор до A1он испратија допис во кој велат дека виновен за оваа состојба е претседателот со изминат мандат Алексо Малчески.

Актуелното раководство е избрано на 22.09.2012 година, а во Статутот пишува дека претседателот има четиригодишен мандат. Математичарите прашуваат како успеа Малчески две години да седи во фотељата нестатутарно. На се уште актуелниот претседател тие му забележуваат дека работи нетранспарентно. Иако е статутарно обврзан, и е обврска по Законот за здруженија и фондации ниту еднаш до сега нема поднесено финансиски извештај, поднесено завршна сметка ниту пак свикано Собрание. На официјалната интернет страна од Сојузот не може да се најдат ниту годишните завршни сметки ниту членовите на Управниот или Надзорниот одбот ниту членовите на собранието ниту начинот на кој некој може да стане член на Сојузот на математичари на Македонија – до кого да се обрати или во која форма. Тие велат дека Малчески буквално го приватизирал Сојузот.

Никој не знае колку средства се слеваат во Сојузот, но велат, се работи за поголема сума пари. Прашуваат каде одат и како се трошат околу 50 000 евра годишно од натпреварот Кенгур, каде што учествуваат преку 20 000 ученици, а котизација за секое дете е 150 денари; од списанијата Нумерус и Сигма; од спонзорствата; од олимпијадите АПМО, ИГО, ЕМЦ, MeМО. За секое од овие натпреварувања родителите плаќаат и до 1500 денари за учество.

Списокот на членови на Сојузот, ниту пак на членовите на Собранието не е ажуриран од 2012 година, иако претседателот има обврска тоа да го прави годишно. Не се знае колку членови има Сојузот, дали некој плаќа членарина и на која сметка.

Згора на се, револтираните членови, но и родители на талентирани деца, се плашат дека Сојузот ќе згасне, бидејќи пред една година, Малчески си формирал ново здружение Армаганка. А1он ги доби официјално статутите на двете здруженија од Централниот Регистар. Доколку се погледнат Статутите на СММ и Армаганка, ќе се забележи дека тие се многу слични. Веднаш со формирањето на новото сопствено здружение, во кое како основач се јавува уште еден член на семејството Малчески, ги префрлил и правата за организирање на натпреварите Кенгур од Сојузот на Армаганка. Ист е случајот и со другите олимпијади како ЕМЦ.

По превирањата и обвинувањата на социјалните мрежи за уништувањето на Сојузот, Малчески на 21.09 ја известува јавноста преку официјалната веб страна на СММ дека поднесува оставка на функцијата претседател. На 17.10 повторно поднесува оставка, иако тоа требало да го направи пред Собранието на СММ. Сепак, и со две оставки, на 11.11.2018 г. претставувајќи се како сѐ уште претседател, по цели шест години го свикува Собранието за во сабота на 17.11. Бидејќи Статутот е недоречен, не е јасно кои и колку се членови на Собранието кои треба да гласаат за избор на ново раководство. Загрижени професори, родители, математичари се сомневаат дека изборот во сабота ќе биде лажиран, а како што велат Малчески лично или преку свој човек ќе го продолжи влијанието во Сојузот и нема да дозволи да се откријат долгогодишните малверзации во работењето.

А1он, по добиениот допис со обвинувања за него, контактираше и со Малчески. На прашањето дали е точно дека досега нема поднесено финансиски извештај и завршна сметка, за А1он тој вели:

„Јас одговарам пред Собранието тоа стои во статутот на СММ, нема што да ви одговарам на вас. Ќе дојдете утре и ќе видиме таму што Алекса ви зборува ќе има документи, печати. Претседател сум се додека не се свика Собрание, сега на Собранието ќе видиме дали ќе ме разрешат или ќе ме изберат повторно“, вели Малчески.

За новото здружение кое го формираше, Малчески одговара дека тоа е приватна работа, дека може да се добијат за тоа информации од Централен регистар или УЈП, а не да го распрашуваме него.

„Сојузот на математичари според законот има соодветни акредитации, соодветен претседател си има надлежности во организација на натпреварите, на Сојузот на математичари никој не му се замешал јас сум претседател и не дозволувам никој да му се замеша на Сојузот во активностите. Сите натпревари кои ги спроведуваше Сојузот продолжуваат да се спроведуваат и тука отстапки нема.Играта што ја спроведе една групација е многу валкана игра. Јас како претседател им дадов на тие луѓе отворен простор. 50 дена досега, минус 7 дена, имаа 43 дена да направат Собрание, тие се занимаваа со фејсбук профили, со кодошење. Се што кажале се е преснимено се ќе си оди кај соодветни органи целава приказна мора да заврши на суд, се што направија мора да заврши на суд, се што направија имаше влијание врз мојата фамилија, а мене фамилијата ми е светост. Ќе се видиме со нив утре и на суд“, одговори Малчески за А1он.

Тој посочи дека сите се известени за легитимно Собрание на Сојуз на математичари кое ќе се одржи утре во Приватниот универзитет ФОН.