Заев: Толпата викаше „Го убивме Села, Заев ти си следниот“

Од:

На судењето за крвавиот четврток во судницата сведочи премиерот Зоран Заев. Тој рече дека во Собранието на 27 април влегле луѓе кои без размислување, полни со гнев и омраза почнале да напаѓаат.

Заев рече дека трпеле и физички удари и вербални закани. „Тоа траеше безмалку 2 часа. Се закануваа со зборовите: ‘Убиј го Заев! Убиј ги пратениците! Фатете го како можете! Го убивме Села, Заев ти си следниот…’“.

Заев рече дека биле раскрвавени по ударите.

Тој лично имал 6 расцепотини, од кои 3 на лицето.

„Неполни 2 часа лично јас секоја секунда чекав да го изгубам животот“, рече Заев. Премиерот сведочеше дека некои од напаѓачите кои имале оружје на каишите, правеле гајтани од кабли за да ги фатат и повлечат.

„Бев исплашен. Молев. Им велев – немојте, луѓе сме“, сведочеше премиерот.

Заев на прашање на адвокатот на Игор Југ, рече дека тие што сакале да го убијат немале чиста мета и доволна храброст да ја завршат работата.

Васко Маглешов