Дебатата за гасоводот кој треба да поминува низ Водно, започна со обраќање на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој повтори дека ќе ги запазат сите законски процедури, на што активистите му рекоа дека тој проектот го наследил и поради тоа треба да се направи ревизија, за која никој до сега не слушнал.
„Со новиот предлог се намалува трасата од 25 на 10 метри, а за сечата ќе се изврши пет пати повеќе пошумување. Треба да се има во предвид дека за секоја промена за трасата измени треба да трпи и документацијата. Овој проект е финансиран од кредити и може да има последици“, рече Сугаревски.
Активистката Татјана Стојановска вели дека има низа недоследности и правни недостатоци, а работите се веќе започнати.
„Вие не сте ги обезбедиле основни начини за контрола. Не е во ред да имате вакви грешки. Барате од нас контрола и да ви укажуваме на грешките. Како кога ние ви укажуваме и се останува исто“, рече Стојановска која побара од Сугарески ресорното министерство да презентира зошто трасата преку Водно е единствена и не може да се промени.
Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот Горан Сугаревски повторија дека со гасоводот и воведување на природниот гас се намали загадување, ќе се придонесе за заштита на животната средина, а бенефит ќе имале и компаниите.
„Гасификацијата е од огромно значење за сите граѓани, а ќе придонесе за заштита на животната средина. Поздрава животна средина и бенефит за компаниите. Проектот го наследивме и рековме дека ќе го реализираме за граѓаните на Македонија, но не по секоја цена. Важно е да најдеме конкретни решенија. Нашите компании ќе бидат пококурентни ако им овозможиме поевтини реагенси“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.
Кристијан Ландов