По неколку предупредувања од страна на Владата за отстранување на руското знаме и македонското знаме со 16 краци, владиното претпријатие за стамбен и деловен простор кое стопанисува со зградата најави дека ќе ја иселат партијата Единствена Македонија бидејќи тие не ги испочитувале барањата, вели претседателот на партијата Јанко Бачев. Тој вели дека ова е притисок врз нивната партија и прашува дали кога тие ќе дојдат на власт треба да го запалат седиштето на СДСМ кое се наоѓа на Бихачка.
„Во централниот регистар партијата е регистрирана на Даме Груев бр 10. Незаконски не отстрануваат, бидејќи тие пратиле известување за наше иселување од зграда број 1. Зградата 22 години е во сопственост на Центро, па дури сега во 2018 година со неа стопанисува владиното претпријатие за стамбен и деловен простор, со што, се дава простор дека станува збор за фалсификувани документи, вели Бачев.
Јанко Бачев се сомнева дека владата врши притисок пред референдумот и кампањата која ќе ја започне неговата партија. Тој најави дека нема да дозволат нивно иселување од седиштето и ќе го бранат по секоја цена.
Според известувањето владиното претпријатие со асистенција на полицијата требаше да ја иселат партијата и да ги симнат знамињата во 10 часот утрово, но, не дојде ниту еден претстсвник за спроведување на најавата.
Кристијан Ландов