Обвинителката Гешковска пред одлука дали ќе одговара за непрофесионалност за настаните од 27 април

Од:

Најмногу за две недели ќе се знае дали тројцата обвинители ќе бидат санкционирани за истрагата од 27-ми април, дознава А1он.

По одморите и докомплетирањето, Комисијата формирана од Јавниот обвинител Љубомир Јовески ќе продолжи да работи на утврдување на одговорност на поранешениот прв обвинител на скопското обвинителство Гордана Гешковска, нејзиниот тогашен заменик Јован Цветановски и обвинителот за организиран криминал Златко Биковски.

Комисијата ќе расветли дали тројката обвинители неправилно постапувале за настаните на 27 април во Собранието и го ситнеле случајот на помали истраги во Основното јавно обвинителство Скопје.

Постапката, тројцата обвинители се обиделе на секој начин да ја одолговлечат, прво со оправдување за отсуство и недавање изјави, а потоа и со барање за изземање на тројца обвинители-членови на Комисијата.

За да не се фрли никаква дамка на случајот, прифатено е барањето на Гешковска и назначени се тројца нови обвинители. Сега нема веќе можности за нови изговори и одолговлекувања.

Истрагата ќе покаже дали има инволвираност на јавни обвинители околку прикривање на докази поврзани со инцидентот во Собранието од 27 април, а со тоа и злоупотреба на службена положба и овластување, што повлекува и можност за нивно разрешување од страна на Советот на јавни обвинители.

Според Јавното Обвинителство на Република Македонија, обвинителите не излегле на увид на лице место во Собранието кога се случија нападите врз пратенците.

Во критичниот период со скопското обвинителство, раководеше Гордана Гешковска. Скопското обвинителство ја водеше истрагата и подигна неколку обвиненија, со правна квалификација- учество во толпа што ќе стори кривично дело, за што имаше жестоки реакции во јавноста. Потоа за овој настан се вклучи Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција што резултирше со истрага во која беа определени притвори и подигнување на обвинителен акт за тероризам и загрозување на уставниот поредок за што почна судењето.

Гешковска на јавноста и е позната по долгогодишниот судски случај „Изгрев“, „Змиско око“, случајот „Пајажина“, во кој првообвинет беше сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски.

Гешковска не сакаше да се повлече од случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смиљковско езеро, иако во тој период беше унапредена.

Гешковска беше дел од прес-конференцијата која ја брануваше јавноста за сообраќајната несреќа во која загина новинарот Никола Младенов, заедно со тогашниот државен обвинител Зврлевски, претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, истражниот судија Душан Јосифов и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. И покрај нивните тврдења дека се работи за чиста сообраќајна несреќа, останаа многу сомнежи.

Името на Гешковска се појави и во бомбите објавени од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков со екс министерката Гордана Јанкулоска, договараа Гешковска да биде избрана за заменик на републичкиот јавен обвинител.