Кампањата за референдумот на државно ниво се засилува, а се уште не се обелоденува како ќе се трошат буџетските 80 милиони денари, кои Владата му ги додели на Законодавниот дом да води јавна кампања како овластен предлагач.
Иако беше ветено дека до средата ќе се знае која пратеничка група колку ќе добие, никој не соопштува каков вид кампања ќе се води и колку ќе се „офајди“ од буџетскиот колач. А на дел од парите за закуп на медиумски простор од Собранието, се надеваат и медиумите. Тие ажурно ги понудија своите услуги и ценовници. Доколку се отвори страната на Државната изборна комисија, до каде се доставуваа понудите, ќе се види дека повеќе од 130 медиуми се заинтересирани да ги рекламираат заинтересираните. На листата се и познати и помалку познати медиуми, влијателни и помалку влијателни. Меѓу нив им и медиуми кои се ориентирани на спортски вести, на забава, но најмногу се медиуми кои имаат широка лепеза на информации.
Иако кај нас главно секој од медиумите за себе вели дека е независен и професионален, сепак на листата се медиуми кои досега биле наклонето кон власта или опозицијата или го подржувале успешниот исход на референдумот, но и оние кои отворено застанаа зад бојкот.
Она што е познато е дека 71 пратеник ќе водат кампања за успешен исход на референдумот. ВМРО-ДПМНЕ се уште тактизира дали ќе повика на бојкот или негативен одговор, но обзнани дека имаат единствен став дека не треба за ова да се трошат народни пари, и ги повика Владата и мнозинството да се откажат од средствата од буџетот за водење референдумска кампања.Единствено пратеникот Антонијо Милошоски јавно соопшти дека сака да води кампања, дека бара пари и дека ќе повика на бојкот.
Спикерот Талат Џафери појасни дека нема лично на пратениците да им се делат пари на рака, туку кампањата ќе биде реализирана преку закуп на простор во медиумите пропорционално според бројот на пратеници во пратеничката група. Кампањата за референдумот се очекува Собранието да ја започне околу 10 септември.