Ги знам безбедносните мерки, не верував дека лесно ќе влезат во собранието, па оттука сигурен бев дека има саботажа, односно внатрешни соработници кои на толпата ѝ овозможија лесно да влезе во Собранието, сведочи на рочиштето за настаните од крвавиот четврток, пратеникот Илија Николовски, генерал во пензија. Тој се сеќаваше дека толпата славела и извикувала „Села е мртов, сега е на ред Заев“.
– Им ги зедоа стативите на новинарите и почнаа да тепаат, со мониторите гаѓаа со се што им дојде при рака. Видов дека на премиерот Заев му тече крв, Оливер Спасовски веќе беше крвав, рече Николовски кој на 27 април бил во галеријата на собраниската прес сала.
– Пратеничките почнаа да се затвораат во кабините и веќе не гледавме доле што се случува, но јас не сакав да лежам во кабина, па тргнавме со Ферид Мухиќ по ходник, немав претстава тогаш каде одиме. Стигнавме во просторија каде најдовме други пратеници, таму лежеа скриени… тогаш влезе толпа, викаа како дрогирани и фрлаа нагоре по нас. На мобилни зборуваат дека дошле во Скопје, продолжи Николовски.
Тој именуваше повеќе лица кои ги препознал во толпата која упадна во собранието, меѓу кои повеќе војници и државни службеници во министерството за одбрана.
Николовски сведочи дека бил малтретиран, понижуван и навредуван, но не бил физички повреден. Тој раскажа и детали од разговорите со дел од луѓето кои влегоа во Собранието.
– Еден ми рече биди среќен што те познавам, ти си предавник, ја дадовте државата на „шиптарите“. Па потоа една жена ми пријде и рече дека децата и се специјалци и веројатно се тука па рече дека ќе му се јави на Чавков да види каде е и што прави, но пцуеше зошто не ѝ крева телефон, рече Николовски.
По повеќе од два часа слушнал истрели и тоа според него било знак дека полицијата реагирала и конечно ќе бидат извлечени од Собранието.
Николовски сподели дека одлучил да посетува психијатар бидејќи се уште се вознемирува кога се сеќава на настаните во Собранието.
Пред Николовски сведочеше Манчевски, а пред судот чекаат да сведочат и пратениците Ременски и Богоевски.
Галена Николовска-Ризвановиќ