По двете одбиени барања за изземање, првично за целиот судечки совет, а потоа за судијката известител, Тања Милева, одбраната на Груевски побара трето изземање овој пат за претседателката на советот, Цветанка Периќ.
Како причина за барањето за изземање адвокатот Стерјо Зиков ја наведе постапката во Судскиот совет која се води против Периќ.
– Познато е дека против Периќ се води постапка во Судскиот совет за пресуда според нас спротивна на законот. Оваа постапка може да влијае врз одлуката на претседателката на советот и затоа бараме нејзино изземање, рече Зиков.
Претходно, судечкиот совет ја одби жалбата на одбраната за изземање на судијката известувач како неоснована.
Судијката Периќ го праша адвокатот Зиков дали има други забелешки, на што адвокатот одговори дека нема.
Адвокатот Зиков предложи седницата да се одложи за понеделник, кога ќе бидат слободни и адвокатите на Експремиерот Груевски, но судијката Периќ го одби овој предлог велејќи дека седницата е веќе одложена еднаш и денеска, како што е претходно договорено, треба да започне.
Периќ даде нова 30 минутна пауза четврта по ред за одлучување по барањето.
Виктор Јованов