Чавков: Наредбите за шок бомби и за примена на сила ги потпишав јас

Од:

Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, обвинетиот Митко Чавков, во воведниот говор за судењето за крвавиот четврток, рече дека како директор, максимално професионално и со интегритет ги извршувал службените обврски.

„30 години поминав во МВР. Немам прескокнато ниедно хиерархиско ниво. Бев министер во најголемата политичка криза. Се пензионирав како директор на БЈБ и завршив како обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбесноста“, рече Чавков пред судот.

Повтори дека тој ја донел одлуката за воспоставување републички оперативен штаб и 8 регионални штабови и дека протестите од иницијативата “За заедничка Македонија” биле мирни, за што имало 59 потпишани записници. “Донесена е наредба на дневна основа да се изготвуваат планови за проценка на ризик”, рече Чавков и потенцира дека имал и проактивна и активна улога.

Чавков рече дека го предложил Бесир Дехари да раководи со оперативниот штаб поради мнозинството во Собранието кое го имала новата коалиција и евентуалното влијание, но министерот го назначил токму него.

„27 април беше ден како и сите претходни денови. 60-ти ден за спроведување на акцијата“, рече Чавков.

„По насилниот влез во Собранието, поради неодлучноста, пасивноста и збунетоста на раководителите на терен, лично јас во 19 часот ја презедов командата и телефонски ја координирав консолидацијата на полицијата“, рече Чавков и додаде дека во меѓувреме отишол во штабот во МВР.

„Наредбата за примена на физичка сила и други средства за присилба и употреба на експлозивни средства, се дадени лично од мене и тоа го има во документите кои како докази ги приложивме“, рече Чавков.

„Жалам за неуспешноста на оперативниот одговор за време на влезот во Собранието“, рече ексдиректорот на БЈБ.

Васко Маглешов