Џиковски: Полицијата беше присутна и одби да спречи насилно демолирање на имотот на хотел Арка

Од:

Сопственикот на хотелот Арка, Сашо Џиковски, вели дека изјавата на МВР дека инцидентот во хотелот е ненасилен имотно-правен инцидент не е точна.

„Целосно останувам на мојата изјава, а целиот настан е документиран со снимки и видео надзор, каде може да се види дека службеници од ПС Битпазар се присутни и одбиваат да го спречат насилното демолирање на имотот на хотел Арка. Проблемот на Хотел Арка е повеќе месечен, како е дел од поголем организиран криминал што се случува во Старата скопска чаршија. Чаршијата трајно се уништува преку нелегално уривање на објекти кои се заштитени со закон, а ние сме препрека во планот за организираното уништување на истата“ вели Џиковски.

Тој вели дека игнорирањето на законите од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Управата за заштита на културното наследство, НУ Националниот конзерваторски центар – Скопје, како и на инспекциските служби на Општина Чаир и Град Скопје, покажуваат дека тоа што се случува во чаршијата е планско и организирано.