Владата на денешната седница го разреши Лазе Велковски од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност.
По разрешувањето на Велковски, со БЈБ ќе раководи заменикот Бесир Деари. Според премиерот Зоран Заев, ќе биде потребно време за да се избере нов директор на институцијата, бидејќи разрешувањето доаѓа неочекувано.
Претходно премиерот најави дека ќе го прифати предлогот за разрешување на директорот на БЈБ, кој го поднел министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Премиерот вели дека Велковски е исклучително важен за службата и еден од неговите први соработници, како и еден од првите соработници на министерот Спасовски. Тој нагласи дека за една година и два месеца, колку што постои оваа Влада, биле разрешени повеќе од 20 луѓе и дека кој и да згреши, треба да одговара.
Заев најави оти Велковски ќе остане да работи во МВР, поради неговото искуство.
МВР извести дека директорот Велковски на Илинден, без решение, со службен џип и обезбедување, ја испратил ќерка си во Грција оти тој бил зафатен со прославата.
