По објавата на А1он, министерството за здравство уште утре ќе распише тендер за набавка инсулин

Од:

По објавата на „А1он“ за недостиг на инсулин во државата, министерството за Здравство одлучи уште утре да распише тендер за набавка на инсулин. И покрај сведочењата на лицата со дијабетес дека во аптеките нема доволно инсулин, од министерството сепак тврдат дека нема да има инсулинска криза односно дека има доволно залихи од лекот за дијабетичарите.

Останува отворено прашањето, зошто министерството за здравство воопшто чекало до сега за да го распише тендерот и дали повторно станува збор за некакви калкулации околу набавките на инсулинот.

„Во врска со објавата дека на повидок е нова инсулинска криза, Министерството за здравство ги демантира дезинформациите за недостиг на залихи и негрижа кон пациенти. Имено, тендерот за набавка на инсулин ќе биде распишан веќе утре, додека сите подготвителни процеси за истиот се веќе завршени, а целата постапка е навремена и соодветно испланирана. За пациентите на инсулинска терапија со новиот тендер ќе обезбедиме квалитетни инструменти и квалитетен инсулин.

Моментално залихи во инсулинските аптеки има доволно. Доколку во некоја инсулинска аптека има недостаток на инсулин, истиот може да се добие во најблиската друга инсулинска аптека.

Министерството за здравство се грижи пациентите во континуитет да се снабдуваат со инсулин во соодветни рокови, воедно и ги работи плановите за распределба врз основа на потребите на населението.

Дезинформациите во кои се инсинуираат можно трошење на залихите, создаваат паники во јавноста и се многу штетни по здравјето на пациентите, кои се на инсулинска терапија. Министерството за здравство, ви стои како и секогаш на располагање за обезбедување на точни и проверени информации, кои се од интерес на јавноста и пациентите, а се поврзани со нашата работа“, стои во реакцијата од министерството за Здравство.