Охрид се дави во долгови, а ги финансира концертите на Северина, Шерифовиќ и Цукеро

Од:

Општина Охрид кратела средства предвидени за инфраструктурни проекти како сообраќајна сигнализација, одржување улици, улично осветлување за да ги плати концертите на Северина, Марија Шерифовиќ и Цукеро. За овие концерти, општина Охрид немала предвидено средства, па морала да ги обезбеди преку кратење од други ставки. За овие четири концерти кои ги организираат три продукции, општина Охрид исплатила 5.5 милиони денари или скоро 90 илјади евра. Ребалансот на општинската каса се правел денес, иако договорите биле склучени пред подолго време. Практично, општината немала пари за овие настани во време кога одлучила да ги спонзорира Северина, Цукеро и Шерифовиќ.

Општината со години работи со блокирана сметка поради долг од 1,366 милијарда денари. Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски за „А1он“ вели продукциите сами побарале пари, а општината одобрила средства бидејќи се плашеле дека концертите нема да бидат одржани во Охрид, иако никој не ги условил дека концертите ќе бидат откажани.

„Ако не ги финансиравме овие концерти, тие немаше да се одржат. Имаме блокирана сметка, но со судска одлука, ние можеме да вршиме исплаќања, за нормално да тече работата во општината“, објасни Стојаноски.

Извори од општината за „А1он“ велат дека ребалансот е направен со нелегална процедура. Измените за кои гласале Комисијата за финансирање и буџет и Советот на општина Охрид биле дека буџетот за организација на манифестации за промоција на туристички производи ќе се зголеми на 5,7 милиони денари, но не биле наведени сите манифестации кои ќе се спонзорираат. Во документот се наведени само четири традиционални манифестации, но не и концертите организирани од приватни продукции. И двата органи на општината, гласале по овој ребаланс кој им бил приложен. Градоначалникот Стојаноски не извести дека за прв пат Советот на општината одлучувал кои концерти ќе се поддржат со пари од општинската каса. Но, тие концерти не биле ставени во Програмата за развој на туризмот и нејзиниот ребаланс, за која гласале советниците.

„Ребалансот на буџетот се направи од кога имавме 11 милиони денари, кои беа заштеди од тендерски постапки. Од тие средства, 5.5 милиони се одделија за 7 настани, односно концерти“, вели градоначалникот Стојаноски, иако во буџетот стои дека има 5,7 милиони денари.

Неофицијално, четирите традиционални манифестации кои се организираат во Охрид, од општинската каса ќе добијат само 200 илјади денари бидејќи останатите пари веќе се потрошени.

Ова не е прв пат, општината Охрид која има огромен долг, да крати средства од планирани проекти за да плаќа за концерти кои се организираат во градот. Претходно, над 3 милиони се исплатени за новогодишни концерти, каде изведувачите исто така биле ангажирани преку приватни продукции. Оваа година, најмалку пари од општинската каса беа издвоени за манифестацијата Охридско лето која е традиционално обележје на градот.

Додека се исплаќаат средства на приватни продукции за организирање на концерти, Стојаноски на почетокот од месецот рече дека се надева дека Владата со нискокаматен кредит, ќе овозможи одблокирање на сметката која е замрзната 13 години.

Кристијан Ландов