Изменетиот Закон за финансирање на политичките партии предвидува партиите освен, како досега, да имаат право на сопственост на деловен простор, опрема, канцелариски материјал, превозни средства и друг движен имот, да поседуваат и земјиште.
Членот 13 пропишува дека освен досегашните приватни извори на финансирање, како членарина, донации, подароци, прилози, спонзорства и продажба на промотивен и пропаганден материјал, партиите може да се финансираат и со кредити од комерцијалните банки.
Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии наместо досегашните 0,06% од Буџетот, ќе бидат 0,15%. Износот на поединечната донација не смее да ја надмине сумата од 60 просечни нето плати од правни лица и 30 просечни нето плати од физички лица во државата. Досега тој износ беше 150 нето плати од правни лица, и 75 од физички лица.
Според новите законски измени, партиите може да имаат само една жиро-сметка. Во случај кога политичката партија се финансира и со кредит од банките, покрај основната жиро-сметка на партијата, партијата може да има и уште една посебна жиро-сметка за средствата обезбедени преку кредит.
Измените предвидуваат партиите да имаат право да ги префрлаат средствата помеѓу нејзините сметки. Партиско-истражувачко-аналитичкиот центар исто така, според измените во Законот, има посебна сметка.
Васко Маглешов
