ВИДЕО: Муса ја префрли вината за девојчето со дијабет кај родителите, Бухова со став по инспекцискиот надзор кој е во тек

Од:

Се подобрува здравствената состојба на 14-годишно девојче од Охрид со дијабетес, кое во тешка состојба беше примено на Клиниката за интензивна нега во Скопје. Надлежните институции на прес-конференција информираа дека неговата здравствена состојба е стабилна. Заменик-министерот за здравство, Асим Муса, смета дека вината е кај родителите кои го однеле девојчето на лекар дури неколку дена кога му се влошила здравствената состојба.

„По повод вчерашните телевизиски извештаи за трите деца со новооткриен дијабетес, со цел во јавноста да не се шират полувистини, сакаме подетаљно и постручно да ги објасниме трите случаи. Денеска бев и ја видов девојката што е на КАРИЛ, таа е стабилна, состојбата се подобрува, таа е при свест и при крајот на денот ќе биде интубирана. Сите три случаи се новооткриени, првпат отишле на лекар за својата здравствена состојба и во матичните установи било откриено дека имаат дијабетес, но во согласност со правилата, бидејќи се деца, тие се испратени на Клиниката за детски болести, каде што најстручно се третираат“, рече тој.

Според првичните сознанија, детето неколку дена се чувствувало лошо, но не било однесено на лекар. Дури кога му се влошила здравствената состојба, родителите реагирале и побарале помош во Општата болница во Охрид, од каде што било препратено на лекување во Скопје.

„Детето спонтано дише, во текот на денот ќе биде интубирано и јас мислам дека ќе биде добро“, велат лекарите што се грижат з0 здравствената состојба на децата.

Според Муса, во болницата во Охрид детето го донеле родителите. Тоа било првпат да побараат помош за детето кое имало тегоби поради дијабетесот. Тогаш било откриено од што боледува и почнало медицински да се третира. Пропустот тој го лоцира кај родителите, кои го однеле детето на лекар кога состојбата веќе се влошила.

„Родителите неколку дена не го однеле детето на лекар, сакале, но тоа одбило и дури кога му се влошила состојбата, го однеле“, додаде заменик-министерот за здравство.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Бухова не го сподели ваквото мислење и укажа дека наложила вонредни инспекции кај матичните лекари на трите деца со дијабетес кои вчера завршија на КАРИЛ. Дали има пропуст во лекувањето ќе се знае по завршување на инспекцијата.

„Веднаш по добиените информации за трите деца, испративме инспектори на терен кај матичните лекари во Охрид, Гевгелија и Свети Николе, но и во општите болници каде првично биле примени децата пред да бидат донесени на Клиника“, изјави директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова Бухова.

Девојче од Охрид и уште едно двегодишно и 4-годишно дете неделава биле хоспитализрани на Детската клиника со дијагноза дијабетис коишто на тежок и опасен начин дознале дека се болни. Децата се од Охрид, Гевгелија, Свети Николе. Од асоцијацијата на деца дијабетичари се сомневаат дека лекарите во Охрид не успеале навреме да го откријат труењето на организамот предизвикано од дијабетисот.