Партиите се уште не може да ги усогласат ставовите, законите се кројат во последен момент

Од:

Собранието се уште нема добиено официјална кандидатска листа за членови на ДИК од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат од кабинетот на претседателот Талат Џафери за „Макфакс“ и „А1он“. Партиите неможат да ги усогласат ставовите за законите договорени на лидерската средба. До Архивот на Собранието измените се уште не се доставени, иако политичките партии форсираат измените на законите да бидат донесени денес.

Законот за Влада, кој треба да биде изменет, по пржинскиот модел, заедно со законот за финансирање на политички партии, се уште не се усогласени и тоа се прави во последен момент, а извори за „Макфакс“ и „А1он“ брифираат дека усогласувањето оди тешко.

Законските решенија беа договорени на лидерската средба, која заврши доцна попладнево и политичките партии реферираат истите да бидат донесени во текот на ноќта. Собранискиот спикер, Џафери, за „Макфакс“ и „А1он“ потврди дека законите ќе мора да бидат донесени вечерва, во спротивно ќе треба да го чекаат него да се врати од одмор.

Изборот за состав на ДИК беше одблокиран по денешните разговори меѓу лидерите на четирите најголеми политички партии.

Кристијан Ландов