„Зоран Заев и СДСМ за само десетина дена се фатени како крадат 45 милиони евра, пари на граѓаните. Цели 35 милиони евра од здравство и уште 10,5 милиони од фондот за иновации завршуваат кај партиски донатори, функционери или млади момчиња кои треба да ги сокријат вистинските моќници. Компании на вицепремиерот и други функционери од власта добиваат грантови од стотици илјади евра, додека Заев ги распродава националните интереси“-се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат наместо да се приближиме со стандардите и реформите до Европската Унија и НАТО, Македонија се повеќе и повеќе тоне и се доближува кон земјите од третиот свет.
„Десетици милиони евра се делат на фирма формирана пред четири месеци, која како прва зделка добива тригодишен монопол на лабораториските испитувања. Министерот Филипче се колне дека не знаел каде ќе плаќа 35 милиони евра, додека Заев смислува манипулации за да добие поддршка за неговото прифаќање на грчките црвени линии. Сметката за оваа неспособност, алчност и расипништво секогаш на крај ја плаќа народот. СДСМ загази во криминал и сите манипулации околу референдумот и партиските преговори се само обид да се покрие грабежот што се одвива во моментов.
Додека од една страна ја економски ја пустошат Република Македонија од друга страна Заев и владејачкото мнозинство со сите сили настојуваат да го реализираат штетниот и капитулантски договор со Грција. Нив не ги интересира ниту Устав, ниту закони, а најмалку достоинството на Македонија и македонските граѓани. Со капитулантскиот договор се брише името Република Македонија, македонската историја, традиција и култура а во ниту еден случај не се гарантира македонскиот идентитет“-, стои во соопштението.
Огромното мнозинство на граѓаните на Република Македонија даваат поддршка на европските и западни вредности, но не ги поддржуваат катастрофални политики водени од Зоран Заев, завршува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.