МЗ: Се разгледува понудата за набавка на тестови и реагенси

Од:

Mинистерството за здравство информира дека е затворен тендерот за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи со отстапување на потребната опрема (анализатори) на бесплатно користење за потребите на Јавните здравствени установи во РМ. До крајниот рок за поднесување на понуди пристигнала само една понуда. На јавното отворање присуствувале претставници од Центарот за граѓански комуникации и надворешни претставници од фирмите.

„Од причина што станува збор за три-годишна јавна набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи и проценетата вредност за истото е висока. Министерството за здравство ќе ја разгледа понудата со целокупната документација во законски одредениот рок. Во моментов постапката е во фаза на евалуација и се уште не е спроведена електронска аукција. Целата постапка беше отворена за јавноста и процесот беше транспарентен“-стои во соопштението.

Од министерството ги демантираат шпекулациите дека е доделен договорот на една фирма, од причина што во текот на април (кој се спомнува во јавноста) бил спроведен технички дијалог согласно одредбите од Законот за јавни набавки.

„По техничкиот дијалог, сите економски оператори кои го искористија правото да дадат забелешки по тендерската документација и поднесоа приговори, во законски одреден рок добија записник и корегирана тендерска документација со сите извршени корекции и измени“-завршува во соопштението.