Спротивно на деловникот, Владата ставила европско знаменце. Треба да ја затворите расправата бидејќи оваа комисија не е матично тело за расправа, туку Комисијата за избори и именување. Ако Џафери постапува согласно деловникот ќе треба да го врати законот до Владата и тие од почеток да го поднесат, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа на Комисијата за европски прашања во врска со измените на Изборниот законик.
„Ако ги запре граѓаните полиција зошто возеле побрзо од дозволеното, не смее никој да ги казни ако покажат европско знаменце. Младите можат да си купат саат, цигари, што било со знаме од ЕУ и да не бидат казнети за ништо. Ваков пример оставате на граѓаните. Груби, вие не можете да отворите амандманска расправа, туку општа, бидејќи ова не е матично тело“, рече пратеникот Илија Димовски обраќајќи му се на Артан Груби.
Димовски тврди дека законот се носи без консултации со опозицијата. Тој даде предлог да се укине Собранието, а да доаѓаат на работа само Груби и Џафери. Вториот предлог е да се намали кворумот за донесување на изборниот законик и да се гласа со 42 пратеници затоа што мнозинството тешко собирало кворум за гласање.
„Седнете вие со Џафери и гласајте сами за ДИК. Отидете кај Џафери напишете ги предлозите, отидете во пленарна и гласајте го. Потпишете се вие 2 пати, Џафери два пати и објавете во Службен весник, медиуми, каде сакате“, рече Димовски.
Кристијан Ландов