Вработени во ФЗЦ „11 Октомври“ ќе протестираат пред Владата, бидејќи тврдат дека од 28-ми јуни годинава, состојбата во фабриката е сложена. Според нив работодавачот го откажал колективниот договор, предлагајќи потпишување на нов, со намалени права и примања, кој не го прифатиле, сметајќи дека платите се и онака неприфатливо ниски.
„Работодавачот понуди анекси кон договорите за вработување, заради отстранување на коефициентот на сложеност на работните места (платите се израмнети на ниво на минималната според закон до коефициент 1,40) кои работниците не сакаа да ги прифатат. Под притисок пред отказ, дел од нив на крајот ги потпишаа анексите, а околу 120 работници не ги потпишаа. Тие добија отказ на договорот за вработување, со понуда на истиот анекс кон договорот. Државниот инспекторат за труд утврди дека постапката е незаконита и побара од работодавачот да ја исправи незаконитоста во рок од 8 дена, но тој не само што не постапи по решението, туку истото го обжали и ја продолжи истата постапка“- се вели во соопштението испратено до медиумите.
Оттаму се додава дека државниот инспекторат за труд во последниве три месеци постапувал во фабриката неколку пати и издавал решенија заради незаконитости. Меѓутоа, работодавачот на решенијата поднесувал приговори до Државната комисијата за одлучување во втор степен во областа на инспекциски надзор и прекршочна постапка, која е разрешена пред неколку месеци, така што по приговорите нема кој да одлучува.
„Поради сето тоа, денес 120 работници имаат отказ на договорот за вработување. Законот за работни односи предвидел откажување на договорот за вработување од страна на работодавачот поради: лични причини, причини на вина, деловни причини. Во случајов, не се работи за ниту еден од овие основи, а работниците сепак остануваат без работа. Институциите не можат да помогнат, со оглед дека сите решенија на ДИТ не се спроведуваат, така што работниците единствено можат да ја бараат правдата на суд, а како ќе преживеат додека трае судската постапка, тоа само тие знаат. Во меѓувреме, работодавачот одбива дури да ја исполни законската обврска за обезбедување отсуство од работа заради барање ново вработување по 4 часа неделно за време на отказниот рок. Чувствувајќи се немоќни и обесправени, не можејќи да прифатат дека институциите не можат да им помогнат, ќе го изразат своето незадоволство со мирен протест пред Владата на РМ од 15 часот-стои во соопштението од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија.