Националната установа универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола ги почна подготовките за реализација на проектот „Хортикултура е-библиотека“ за што ќе се користат искуства од библиотеки во соседна Србија.
Според Јелена Петровска, директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, станува збор за нов момент, тренд и потреба која библиотеките почнуваат да ја практикуваат.
-Хортикултурата како наука и вештина за негување на цвеќе, украсно дрво и други растенија се повеќе земаат место во библиотеките. Целта е вљубениците во хортикултурата на едно место да ги имаат сите информации, да читаат, да предлагаат и да побараат да ги добијат саканите производи. Списанијата и книгите на оваа тема се ретки и затоа се обидуваме да го дополниме овој недостиг со електронски списанија и книги, со прирачници и други водичи за хортикултура. Искуствата за оваа новина ги црпиме од колегите во соседна Србија за што неодамна учествувавме на стручна обука, посочи Петровска.
НУ Универзитетска библотека „Св.Климент Охридски“ – Битола во наредниот период ќе ја зголеми програмската понуда, ќе ги информира своите корисници со содржината на работите врзани со хортикултура во библиотеката и ќе го направи побрз пристапот до библиотечниот фонд посветен на теми од хортикултурата.
-Во библиотеката имаме книги и списанија за хортикултура, а ќе понудиме и работилници на отворено. Националниот парк „Пелистер“ е прекрасна можност за реализација на оваа идеја и развивање поединечна но и колективна свест за заштита на природата, како и за поголема одговорност кон природата и природните богатства. Ние библиотекарите имаме обврска да бидеме по иновативни и тоа ќе го направиме, истакна Петровска.
Проектот „Хортикултурна е-библиотека“ во Битола ќе се развива и интезивира наесен низ работилници со деца и анимирање на нови корисници на кои ќе им бидат понудени примери и искуства за достапност и користење литература со хортикултурни содржини.