Од утре стапува во сила дополнувањето на времениот сообраќаен режим на улиците „Никола Тесла“ и „Доне Божинов“ во Куманово што се спроведува во рамки на реконструкцијата и рехабилитацијата на железничката пруга Куманово – Бељаковце, информира денеска компанијата „Х.Ф. Вибе“.
Месното население ќе користи дополнителни 500 метри од регуларниот начин на движење со лесни возила до центарот на Куманово. За пешаците пак, е обезбедена посебна заштитена патека.
-Дополнителната девијација е изработена на инсистрање на локалното население со поддршка на градоначалникот, со цел да им се излезе во пресрет на жителите да можат да се движат непречено со лесни патнички возила. Забраната за тешки товарни возила и автобуси и понатаму е во сила, соопштуваат од компанијата.
Во наредниот период, согласно динамиката, ќе се извршуваат градежни работи во потесното градското подрачје и согласно ова дополнување ќе биде активна дополнителна девијација на сообраќјот.
Официјално, пренасочувањето на сообраќајот ќе почне утре и ќе трае до завршувањето на градежните активности. Истовремено, како што известува „Х.Ф. Вибе“, изработена е дополнителна пешачка патека по која пешаците ќе можат безбедно да поминуваат, заобиколувајќи го градилиштето.
Посебниот сообраќаен режим на оваа делница беше воведен минатиот месец.