Пет милиони денари чини целосната обнова на внатрешноста на двата објекти на градинките Тетекс 1 и Тетекс 2, информираа претставници на локалната власт од Тетово. Активностите треба да бидат готови до 15 следниот месец со што новата учебна година и згрижувањето на децата од предучилишна возраст тука ќе биде во речиси нов објект.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи посочи дека кога пред пет години ја презеле локалната власт, општинската установа „Младост“ во чија ингеренција се сите градинки во Тетово, должела околу три милиони денари. Сега состојбата е подобрена бидејќи, како што рече, со средства од општинскиот буџет и дотациите од централната власт за оваа намена може да се преземат вакви крупни проекти.
-Со овие активности ќе се подобри енергетската ефикасност на двата објекти, а со тоа и ќе се намалат трошоците за нивно одржување. Наша намера е секогаш кога ќе имаме можност да спроведеме вакви целосни преуредувања и подобрувања на објектите и од другите градинки, изјави Арифи.
За директорката на градинките „Младост“ Рамије Даути преуредувањето на градинките Тетекс било неопходно бидејќи објектите се изградени во 1973, односно 1977 година и ова е најголема инвестиција во нив оттогаш.
-Сите простории се целосно изменети така што секоја занимална има сопствен санитарен јазол. Проширен и зголемен е и просторот за прифат на бебињата. Насекаде се менува осветлувањето и се поставуваат лед светилки како и прозорците, подот, санираните плочки така што во септември ќе имаме нов објект одвнатре. Вкупната површина што се обновува изнесува 1.200 метри квадртни со нов ламинат и исто толку со нови плочки, рече Даути.