Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, вработените од подржуницата кај улица „Македонија“ ги префрлил на десеттиот кат од управната зграда на ЕЛЕМ и ЕВН која се реновира повеќе од две години и е во катастрофална состојба. Иако целта била да се заштедат пари, тоа е направено на грбот на вработени кои сега се „печат“ на најгорниот кат на ЕЛЕМ, но и молчат од страв да не бидат избркани.

Вработените на овој кат наместо прозорци, имаат најлони на ѕидовите на кои во летниот период мора да направат дупки како би влегол свеж воздух во канцелариите. И покрај тоа што овој кат не бил предвиден да функционира поради градежните работи кои се одвиваат, сепак, директорот Миновски, одлучил вработените да ги префрли токму во овој дел од зградата каде покрај другото, нема ниту уреди за ладење и греење на просториите.

Останатите простории пак на катот во кои не се сместени вработени и воопшто немаат прозори. Вработените во летните пеколни денови се разладуваат исклучително благодарејќи на провевот кој се создава низ канцелариите и ходниците кои се целосно отворени.
Лицата кои работат на десеттиот кат се директно изложени на нехуман однос и понижување. Покрај просториите без прозорци, низ ходниците на спратот може да се забележат и расфрлани столчиња, маси, најразличен канцелариски материјал, градежен шут, рѓосани сајли, лајсни, бетон, арматури и останати непотребни работи кои завршиле на најгорниот кат од зградата кој од почетокот на реновирањето е претворен во отпад.

На десеттиот кат нема вода, а нема ниту купатила. Овие потреби вработените ги извршуваат еден спрат подолу.
Овој објект кој се наоѓа на самиот плоштад „Македонија“, место кое задолжително се наоѓа на списокот за посета при туристичките обиколки на Скопје, веќе две години е опкружен со скелиња и заштитни мрежи, со извадена фасада без изолација и е далеку од изгледот кој тогашните власти го прикажуваа пред граѓаните.

Реконструкцијата на зградата требаше да биде завршена пред повеќе од една година, но работата константно се пролонгира поради недоразбирањата помеѓу инвеститорот и изведувачот. Новата фасада на зградата на ЕЛЕМ и ЕВН, според официјалната документација чини околу 4.3 милиони евра, а градежните работи ги извршува градежната компанија „Бетон“ која доби најголем дел објекти за изградба од проектот „Скопје 2014“ и важи за блиска на претходната власт.




Виктор Јованов
