Со само двајца членови од 2 мај до денеска, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер е целосно блокирана и не може да ги разгледува пристигнатите жалби од граѓани и новинари.
Претходниот претседател на Комисијата, Ѓорѓи Сламков во арпил поднесе оставка на функцијата од лични причини до Собранието. Оставката била прифатена и законодавниот дом распиша оглас за избор на претседател на Комисијата, кој е веќе завршен, но постапката не е спроведена. Оттаму велат дека ја информирале и наделжната комисија во Собранието, која ја спроведува постапката за избор.
Генералниот секретар на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, за „Макфакс“ вели дека ги работат предметите, но дека одлуки не можат да донесуваат бидејќи ова тело засега има само двајца членови. До Комисијата во меѓувреме стигнувале жалби по кои не може да се одлучува.
Работата е закочена во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Претседателот на Комисијата во Собранието, Илија Димовски, не одговори на прашањето на „Макфакс“ зошто досега не е закажана седница за спроведување на постапката за избор на претседател на оваа комисија. Надлежната собраниска комисија која треба да заседава има 12 членови. Неофицијално проблемот бил соодностот на гласови власт – опозиција, кој сега е изедначен 6:6. Кај истата комисија закочи изборот за членови на ДИК, бидејќи претседателот на ова собраниско работно тело, Илија Димовски сè уште не ја свикува седницата.
Инаку, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер е составена од пет члена од кои еден е претседател, а друг заменик на претседателот. Мандатот на членовите е пет години со право на повторен избор.
Васко Маглешов
