Нема да се покрене постапка против телевизија „Алфа“ за дискриминација по етничка основа, сторена во емисијата „Миленко Неделковски шоу“ емитувана на 27.1.2018 година, одлучи Комисијата за заштита од дискриминација.
На оваа одлука стои потписот на претседателот на Комисијата, Александар Даштевски, кој важи за апологет на претходната власт.
Имено во мислењето по поднесената претставка од АВМУ, стои дека таа „се однесува на погрешно лице (ТВ ‘Алфа’)“, бидејќи емисијата е самостоен надворешен проект и оти телевизијата пред почетокот на емитувањето се оградила од изнесените ставови. Оттаму ѝ препорачуваат на телевизијата да ги запознаела новинарите, уредниците и водители со одредбите од Уставот кои се однесуваат на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување.
Од АВМУ сметаа дека ваквите тврдења на Комисијата се неточни бидејќи, како што пишуваат, Законот јасно и недвосмислено ја лоцира одговорноста кај радиодифузерите за сите содржини емитувани на нивната програма, дотолку повеќе што емисијата не е емитувана во живо туку е однапред снимена и ТВ „Алфа“ можела уреднички да интервенира. Агенцијата очекува Комисијата да го преиспита ставот за неповедување постапка против ТВ „Алфа“.
Васко Маглешов