Денеска во погоните на Фени Индустри во Кавадарци беше уништено разновидно неупотребливо и трајно оштетено службено оружје (полуавтоматски, автоматски пушки, пиштоли и друго) коешто досега било складирано и во поранешна употреба во низа организациони единици на Министерството за внатрешни работи.
Како што истакна во својата изјава по повод овој настан министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се работи за точно 590 парчиња оружје, од кои најголемиот дел се однесува на автоматски пушки, пиштоли, полуавтоматски и воздушни пушки, пушкомитролези и слично оружје што практично одамна, поради својата техничка неисправност е надвор од формациска употреба во организационите единици при МВР.
Имено по Одлуката на Владата на Република Македонија за спроведување на постапка за избор на правно лице што ќе го изврши ништењето на оружјето, најпрво бил изведен попис и проценка на таквиот вид оружје, при што било утврдено дека се работи за службени оружја кои се целосно неупотребливи или оштетени.
Инаку, со оглед на фактот дека за ваков вид и обем на активност во државава постојат само три правни субјекти (Макстил, Југохром и Фени Индустри) кои располагаат со печки за топење, а две од тие три фирми во моментов воопшто не ги користат таквите печки, изборот беше Фени Индустри. Притоа, раководството на Фени Индустри изрази подготвеност без никаков надомест да го реализира уништувањето на неисправното оружје.
