Прославата по повод поканата на Република Македонија за членство во НАТО и по повод датумот за преговори за членство во ЕУ, се организира врз основа на Одлука и заклучоци од Седница на Владата на Република Македонија, одржана на 10.07.2018 година, соопшти денес владината прес-служба.
Согласно законските прописи Владата започнала соодветни постапки за реализација и формирала организационен одбор за одбележување на овој настан предводен од Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.
„Организацијата на целиот настан, обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, ангажман на 45 изведувачи коишто ќе настапат во 15 градови ширум Македонија, изработка на промотивни материјали, изработка и печатење на промотивен материјал за информирање на граѓаните (летоци, постери), трошоци за продукција и пост продукција, ќе биде обезбедено од буџетот на Владата на Република Македонија, а сумата ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки. За прославата се ангажирани исклучиво домашни изведувачи, а изборот на градови е согласно рамномерна географска застапеност. Концептот подразбира децентрализација, квалитетна и различна музика во многу градови, одлична културна програма. Одлучивме музиката да ја донесеме кај граѓаните. Без автобуси, без списоци, без принуди“ велат од Владата.
Во соопштението се наведува дека прославата била поддржана и од локалните самоуправи, со организациска и логистичка помош, а промоцијата на настанот ќе била само преку социјалните медиуми и теренски со печатени материјали.
„Македонија заслужи да прослави и затоа ја повикуваме опозицијата да им честита на граѓаните и да не врши притисок врз музичарите кои на најтранспарентен, чесен и професионален начин учествуваат во прославата, врз основа на договори во кои експлицитно е наведено дека ангажманот е за прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО со наслов ‘Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ’. Македонија е слободна земја и секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став. Опозицијата да се одважи, да ја поддржи македонската иднина и да се откаже од сеење омраза. Слобода е, секој има право да има став и никој не смее да етикетира граѓани заради изразен став. Ова е прослава заради остварувањето на децениската аспирација на Македонија и на оваа генерација граѓани“ велат од Владата.
