Актерите по примерот на холандските гимназијалци денес излегоа да го исчистат расфрленото ѓубре во дворот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Но, за разлика од нив, актерите направија само проверка како исчистиле вработените од „Комунална хигиена“, кои дојдоа неколку часа порано, а неколку дена подоцна по пишувањето на медиумите за депонијата во дворот на државната установа.
Актерката Сања Арсовска, сопруга на Никола Наумовски, десна рака на градоначалникот Петре Шилегов, не реагира за неисчистениот отпад, туку прстот го впери во граѓаните. Според Арсовска, граѓаните треба да имаат поголема еколошка свест, но немаше комантар за неажурноста на институциите. Тие собраа помали отпадоци во паркот на Клинички центар.
„Имаме слободно време и решивме да го искористиме корисно и да бидеме општествено одговорни. Целта на оваа иницијатива не е да ја поттикнеме совеста кај несовесните граѓани и нивната одговорност кон животната средина. Ние ќе направиме ревизија на тоа што го направила ’Комунална хигиена’ овде и ако завршиме бргу, ќе се префрлиме на некое друго место. Нам не ни е целта да се натпреваруваме со претпријатие, целта ни е како уметници, бидејќи имаме должност да бидеме општествено одговорни, да ја поттикнеме совеста на граѓаните за да имаат поголема еколошка свест“, рече Арсовска, а градоначалникот Шилегов ја откажа посетата во дворот на Клиничкиот центар.

Клиничката болница пацинетите ги дочекуваше со купишта ѓубре, картонски кутии, шут, преполни катни и контејнери, но и отпадоци расфрлани насекаде. Ваква беше сликата пред 12 часа. Утрово, заменик-министерот за здравство, Асим Муса, пред да пристигнат актерите изјави дека се на прагот до наоѓање решение, а дотогаш Клиничката болница ќе се чисти еднаш неделно бидејќи директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, вели дека тоа не е нивна обврска.

Депонијата и шутот на Клиничкиот центар се создаде кога ингеренциите за чистење ги презело Министерството за здравство, каде што првиот човек Венко Филипче не сакал да ангажира приватна фирма. Клиничкиот центар со оваа одлука на Филипче остана преплавен во смет и шут.
Кристијан Ландов