Националната стратегија за соработка со дијаспората 2018-2023 е при крај и се очекува да се донесе до крајот на летото. Тоа е прв стратешки документ што една Влада во овие 27 години го работи во делот на дијаспората. Ова го истакнува министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.
– Националната стратегија има четири клучни столбови. Првиот е политичко-административниот дел каде се регулира правото на гласање на дијаспората, забрзување на документацијата, создавање побрз и пофункционален систем за да не се чекаат документи со месеци. Вториот столб е економскиот и инвестициски аспект. Законот за финансиска поддршка на инвестициите иако беше предвиден во Националната стратегијата, веќе е донесен. Во овој дел е и соработка меѓу бизнисите и промоција во туризмот, вели Адеми.
Третиот столб е за образование, наука и млади. Појаснува дека во овој дел има доста активности за изучување на мајчиниот јазик, за зголемување на бројот на наставници кои ќе бидат испратени или веќе живеат и работат во некоја од земјите кои може државата да ги искористи и ангажира во учење на мајчин јазик на децата на дијаспората, кои се по потекло од Македонија.
– Во рамки на тој столб се размислува за отворање еден истражувачки центар за прашања и политики од интерес на дијаспората во рамки на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Четвртиот столб е за култура и за промоција на културните вредности во Република Македонија, да се промовира културната различност, нагласува Адеми.
Министерот Адеми во интервјуто додава дека тие се носители во изработката на Националната стратегија, а се вклучени претставници на сите оние министерства кои имаат надлежности со дијаспората, како министерствата за финансии, за надворешни работи, за внатрешни, за труд и социјална политика, за образование и наука, за култура, за здравство, Агенцијата за иселеништво, експерти од Македонија, универзитетски професори… Вклучени се поголеми организации од дијаспората како Обединетата македонска диајспора-ОМД, Форумот за демократска Македонија, Сојузот на македонски здруженија од Шведска кои испратиле свои ставови и идеи. Националната стратегија се изработува со стручна поддршка на Меѓународната организација за миграции-ИОМ.
Во интервјуто Адеми истакнува дека Македонија е една од ретките земји во регионот, можеби и единствена, која нема закон за дијаспора. Според него, потребен е таков закон и во иднина, без разлика кој и да е на власт, доколку не успее идејата да се формира министерство за дијаспора, важно е да имаме барем министер за дијаспора.
