„Комитите“ се простија од Саздовски: Ќе ја истераме правдата на кој било начин

Од:

Навивачката група „Комити“ се прости со својот навивач Никола Саздовски, кој по неколкудневно лекување на КАРИЛ, по нападот од три лица им подлегна на повредите.

„Престана да чука младото комитско срце, не успеа да победи во последната битка. Десет дена срцето лавовски се бореше со сите нанесени повреди и на крај се реши да одмори, да отпатува на подобро место. Саздо беше нападнат и убиен од луѓе кои само се нарекуваат навивачи, а во основа се криминалци, дилери, убијци и најважно од сè, заштитени се како никој друг во државава. МВР, ОЈО, НВО-та и некои квази новинари прво се обидоа да го заташкаат случајот и да го пренесат кон друг правец, па од кога беа фатени во лага се обидоа да се правдаат и сето тоа само зошто беше комита и Македонец.

Прости ни Саздо, не успеавме да те заштитиме од нашите душмани. Даваме заклетва дека ќе ја истераме правдата на кој било начин. Ќе останеш засекогаш во нашите срца и во душата на Западот. Еден ден, повторно ќе се сретнеме таму горе и ќе запееме заедно. Сочуство до фамилијата и најблиските“, се вели во пораката на комитите објавена на „Фејсбук’.

Двајца од напаѓачите по неколку часа од нападот се пронајдени и приведени од полицијата.МВР сè уште трага по еден од тројцата насилници што пред десет дена до смрт го претепаа 21-годишниот Никола. Од МВР информираат дека случајот е расчистен за 24 часа и предаден на Обвинителството.

Погребот ќе се одржи утре на гробиштата во селото Ракотинци со почеток од 13 часот.Никола Саздовски почина денеска во болница. Тој на 29 минатиот месец околу 17:30 часот беше нападнат во Автокоманда од три лица што излегле од автомобил „мерцедес“. По нападот, лицата избегале, а тој во неконтактибилна состојба бил пренесен на клиника во Скопје. Оттогаш беше во кома, а почина утрово. Надлежен јавен обвинител денеска донесе наредба за вршење обдукција за да се утврди од што точно починал.

Полицијата на 2 јули поднесе кривична пријава против Б.Б. (20), С.Д. (21) и Ј.Љ. (19) за кривично дело „насилство“.

Саздовски беше дел од навивачката група „Комити“.