Вершбоу: Мора да функционираат институциите во Македонија

Од:

Во Македонија мора да функционираат демократските институциии. Отворениот политички дијалог е начин за надминување на разликите и земјата мора да се фокусира на значајните теми како што е напредокот во евроатлантските интеграции! Ова е пораката која министерот за одбрана Фатмир Бесими ја доби денешните средби во Брисел со заменикот генерален секретар на НАТО, Александер Вершбоу, со помошникот секретар за нови безбедносни предизвици Габор Иклоди и со амбасадорите на САД и Турција при Алијансата, Иво Далдер, односно Хајдер Берк.

– Средбите со Вершбоу и со Иклоди, како и со амбасадорите на САД и Турција се однесуваат на нашата интензивна агенда за продолжување со лобирањето за членство на Република Македонија во НАТО и презентација на реформите што нашата земја ги прави во одбранбениот систем и подготовките за идниот придонес во меѓународните мировни мисии на Алијансата. Ова се редовни средби што се случуваат на почетокот на годината, каде ние ги најавуваме нашите планови и во исто време гледаме што подготвува Алијансата за во текот на годината нашите резултати и реформи да бидат поуспешни, рече Бесими во изјава за дописникот на МИА од Брисел по средбите во рамки на неговата еднодневна работна посета на европската престолнина.

Според министерот за одбрана, со заменикот на Андерс фог Расмусен разговарале и за политичко-безбедносната состојба во регионот, значењето на регионалната соработка и евро-атлантската перспектива како единствен пат за стабилен и мирен Балкан кој ќе обезбеди развој за регионот.

Со Вершбоу, Бесими вели дека дискутирале за идните регионални проекти во рамки на проектот „паметна одбрана” и значењето на кибернетската безбедност. Притоа, македонскиот министер за одбрана потенцирал дека Република Македонија работи на национална стратегија во врска со ова и укажал за потребата од поддршка од страна на НАТО во овој проект, оти годинава Македонија е претседавач со А-5 групата чиј заеднички проект ќе биде „сајбер одбраната” што има поддршка од Алијансата поради тоа што ризикот од кибернетски напади е еден од најголемите во последно време.

– Поради тоа, заклучивме дека во септември ќе има обука за „паметна одбрана” и Македонија ќе биде прва земја во регионот каде НАТО ќе започне со ваков вид на обуки, во рамки на програмата за наука, мир и безбедност која НАТО ја поддржува. Исто така, нашиот иден придонес во НАТО останува определбата за поддршка во пост-Авганистан по ИСАФ-мисијата што завршува во 2014 година, што моите соговорници го поздравија. Затоа, ние подолжуваме со соработката и во воената коменада на НАТО во Монс, попладнево ќе имам средба со врховниот командант на Алијансата, адмиралот џејмс Ставридис, како продолжение на разговорот на темите од неговата последна посета на Скопје минатото лето и соработката што АРМ ја има со НАТО и останатите армии на земјите-членки, истакна министерот Бесими.

Во заклучокот на средбите со амбасадорите и високите преставници на Алијансата, минитерот Бесими потврдил дека че инсистира на интензивирање на регионалната соработка во областа на одбраната што е приоритет на македонското Министерство за одбрана за 2013 година.