Вработените од „Секјуриком Мултисервис Интернационал“ денеска протестираа пред седиштето на компанијата поради неподмирените обврски од страна на фирмата кон работниците односно една неисплатена плата, неплатените придонеси за здравствено и пензиско осигурување како и редовното доцнење со исплата на платите.
Работниците за седум месеци од 1 јануари до денеска имаат добиено само 4 плати и тоа со задоцнување. Февруарската плата ја добиле на 02.04.2018, мартовската на 25.04.2018 и априлската која им е поделена на два пати, на 30.05.2018 и 12.06.2018 година.
Според вработените, со ваквиот однос раководителите на компанијата ги кршат работничките права.
Вработените се обидоа да влезат во дирекцијата да разговараат со претпоставените, но беа спречени од обезбедувањето и полицијата.
„Си ја сакаме платата навремено и редовно. Каснат со плати секој месец, немаме ниту здравствено, ниту пак пензиско осигурување, болните не можат да отидат на доктор. К-15 не земаме редовно велат дека се услужна дејност, доколку сакаме регрес ни одземаат од плата“, вели Надица Мартиновиќ една од вработените.
„Имаме и ние семејства, ставете се на наше место да видите како е“, им порачаа вработените на менаџерите во Секјуриком
Викаат „Лопови лопови“, „Отворете ги вратите не се плашете, ние сме питоми луѓе“.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против сопственикот на „Секјуриком“, австриецот Волфганг Гампер и поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски за наместени тендери за чистење и одржување на државните институции вклучувајќи го и Собранието на РМ.
Јавноста за оваа контроверзна компанија дозна по скандалозното сознание дека во 2002 година додека премиер на Република Македонија беше Љубчо Георгиевски, а Никола Груевски министер за финансии, околу 500 вработени од СОЗР спротивно на нивната волја биле префрлени да работат за „Секјуриком“, а на нивно место во државните институции партиски се вработуваат илјадници луѓе.
Вработените во „Секјуриком“ со години работат за минимална плата што е сосема спротивно од онаа на раководителите чија плата достигнува и до неколку илјади евра.
Виктор Јованов


