Шекеринска: Следната недела Македонија ќе ја добие поканата за членство во НАТО

Од:

Македонија следната недела ќе ја добие поканата за членство во НАТО, а за неколку месеци ќе почне процесот на ратификување на протоколите, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која информираше дека денеска на владина седница е усвоен Стратегискиот одбранбен преглед, клучен документ во сферата на одбраната, каков што земјата немаше од 2004 година.

– Пред една година Црна Гора стана членка, јас како министер за одбрана и честитав и реков дека нашата цел е Македонија да стане 30. членка. Тогаш тоа звучеше како добра желба, денеска по само една година тоа е реалност, која е на дофат. Следната недела Македонија ќе ја добие поканата за членство во НАТО и за неколку месеци земјата веќе ќе почне со процесот на ратификување на протоколите, рече Шекеринска и додаде дека по добивањето на поканата на самитот во Брисел, закажан за 11 и 12 јули, експертски тимови на НАТО ќе дојдат во земјава и заедно со македонски експерти ќе ја почнат работата за нашата стратешка цел.

Таа нагласи дека на Македонија на самитот во Брисел ќе и биде врачена покана за членство во НАТО, со што ќе стане дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот и напомена дека членството значи безбедна иднина на земјата и нејзините граѓани.

СОП, како што нагласи, е завршен во амбициозно поставениот рок од една година.

– По една година од нашата работа како Влада успеваме да го подготвиме клучниот документ, што ја дефинира одбраната и нејзиниот развој. СОП е практично целосната реформска агенда на одбраната на РМ, а неговата подготовка е исчекор за гарантирање на нашата безбедност, но и нашето членство во НАТО, порача таа.

Во новиот документ се содржани сите нови предизвици со кои се соочуваат одбранбените сили глобално и во него е предвидено високо ниво на модернизација и оптимизирање на ресурсите во одбраната.

Во неговата изработка биле консултирани сите релевантни институции кои се надлежни во оваа сфера, меѓу кои и претседателот на државата. За одредени делови од СОП, како што рече Шекеринска, одлуките биле носени консензуално со Кабинетот на претседателот.

Првата цел на СОП е создавање модерна и флексибилна армија, која ќе ја гарантира сувереноста, стабилноста и интегритетот на РМ. Предвидено е транформирање и модернизирање на АРМ, како и подобрување на нејзините оперативни способности. Целите на модернизацијата ќе бидат исполнети во рамки на „Концетот за идните вооружени сили 2028.“

Предвидена е промена на структурата на АРМ, организацијата е дизајнирана со консолидиран број команди и штабови со многу јасни дефинирани нивоа на одговорност – стратешко, оперативно и тактичко, со делегирани одговорности на соодветно ниво наместо досегашната централизација, оптимална големина и целосна пополнетост на единците.

Според претходниот СОП бројката на активниот состав изнесувала 8.200 активен персонал, но таа никогаш не била целосно пополнета. Во моментов од овие систематизирани 8.200 места пополнети се околу 6.600 со војници, подофицери и офицери. Согласно новиот СОП планирано е целосно пополнување на воените сили со околу 6.800 припадници, што значи сегашниот број нема да се намалува, туку во иднина ќе се зголеми за околу 200.

Ќе се реорганизира и МО и ќе се обезбеди подобро раководење и менаџирање со овие состојби.

Буџетот за одбраната ќе се зголемува. Лани тој падна на 0,9 отсто, оваа година со зголемувањето се врати на еден отсто, а според новиот СОП секоја година е преземена обврската да се зоглемува за 0,2 отсто, во период од пет години, додека не дојде до два отсто од БДП. Ова е стандард за земјите членки на НАТО, но не е предуслов за прием, иако како што напомна Шекеринска, Македонија ќе стори се за да го оствари.

Министерката потсети дека за десет отсто се зголеми платите на сите припадници на АРМ – на професиналните војници, подофицерите, офицерите, цивилните лица кои работат во армијата.

– Постојат разлики во износот на платите меѓу професионалните војници во редовен состав и специјалните сили, но најниската плата на професионален војник со зголемување е над 23 илјади денари, а специјалците земаат над 30 илјади, појасни таа.

Додаде дека придонесот на АРМ во меѓународните операции ќе продолжи, а декларираните единици во составот на АРМ кои се подготвуваат за употреба во рамки на мисии раководени од НАТО, ЕУ, ОН ќе бидат во фокусот на процесот на модернизација.

– Македонија не ја чекаше поканата од НАТО за да ги почне реформите. Изминатите 12 месеци донесовме важни одлуки во насока на модернизација и подобрување на одбраната, рече Шекеринска и додаде дека со новиот СОП се поставени темелите за долгорочен развој и модернизација на армијата, а Македонија ќе добие армија, која и прилега на земја-членка на НАТО.