Спасовски: Меѓу чесните гости во дискотеките имаше и незаконски вооружени и некои кои поседуваа наркотични средства

Од:

Министерот за внатрешни работи преку Фејсбук коментираше дека правда и мир значи неселективна примена на законите и подеднаков пристап кон сите кои ги прекршуваат правилата.

– Вчера беше спроведена заедничка акција на Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд. Целта беше да се превземат мерки против оние кои на било каков начин ги прекршуваат законите и со своите постапки го загрозуваат јавниот ред и мир. Меѓу чесните гости имаше и такви кои незаконски беа вооружени, кои поседуваа наркотични средства, кои нападнаа полицајци и кои одбија да постапат по полициска наредба, напиша Спасовски.

Во неговиот статус пишува дека ноќните клубови се места за забава, но мора да бидат безбедни, а законот да важи еднакво за сите. Според министерот, полицијата не употребила сила, а акцијата била спроведена според прописите и правилата.

– Ги повикувам граѓаните да пријават во МВР доколку се соочиле со несоодветно однесување на полицијата – веднаш ќе реагираме согласно процедурата. Безбедноста на граѓаните е на прво место, пишува Спасовски.