МВР: Приведени се три лица во акциската контрола на угостителски објекти во Скопје

Од:

По синоќешната акциска контрола во седум угостителски објекти на полицијата заедно со Државниот пазарен инспекторат , Државниот инспекторат за труд и УЈП биле приведени три лица, а легитимирани вкупно 21 лице.

Контролата, како што информираат од МВР, е спроведена во временскиот период од 01:15 до 03:30 часот во седум угостителски објекти, лоцирани во градскиот парк и неговата поблиска околина.

Од СВР Скопје легитимирани и приведени се А.И.(25) од Скопје кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдено огнено оружје-пиштол „Берета“ со рамка со 10 (десет) куршуми, И.Р (33) од Скопје, кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдена паковка со непозната прашкаста материја и О.У (44) од Скопје, сопственик на угостителскиот објект, кој одбил да ја почитува наредбата издадена од полициските службеници и се спротиставил на превземање на службени дејствија, пишува во соопштението од МВР.

Според полицијата, во еден од објектите се затеканати и шест малолетници кои се приведени во полициска станица Карпош заради утврдување на идентитет.

Кај пет лица кои работеле како обезбедување било утврдено дека не поседуваат лиценци.

-Од страна на Државниот инспекторат за труд, во сите контролирани угостителски објекти констатирано е дека работат без соодветна документација за вршење на угостителска дејност издадена од Министерство за економија на Република Македонија , додека од страна на УЈП во два угостителски објекти констатирана е разлика во прометот во готово и прометот во фискалните каси, по што на истите им е изречена забрана за вршење дејност во траење од 15 денови, се наведува во соопштението.

Според МВР, регистрирано е и едно кривично дело „Напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста“ при што се повредени двајца полициски службеници.

Како што информира МВР, при приведување поради сомнение за претходно нарушен јавен ред и мир, лицата С.М (34) и Б.С (18), двајцата од Скопје физички ги нападнале униформираните полициски службеници, при што им нанеле телесни повреди.

Лицата се лишени од слобода и против истите ќе биде поднесена кривична пријава по член 383 од КЗ на Република Македонија.

За спроведувањето на акциските контроли, како што информираат од МВР, направена е претходна проценка за бројот на присутни лица, како и околностите во кои тие се спроведуваат, заради што се ангажирани соодветен број на полициски службеници кои постапувале согласно процедурите и законските одредби. Доколку се воочат евентуални недоследности, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе превземе соодветни мерки.