Министерот Спасовски во посета на Мала Преспа

Од:

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера попладне престојуваше во Мала Преспа, при што ги посети Пустец и Глобочани, каде покрај другото имаше и средби со жителите на овие две населени места.

Заедно со претставници на локалната самоуправа и партијата на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, министерот ја посети црквата „Свети Архангел Михаил“ во центарот на Пустец, за чија надворешна заштита лично помага Спасовски.

– Од мое и од името на сите верници ви благодарам за помошта што ја давате за надминување на проблемот со надворешната заштита на овој божји храм. Поради влагата не можевме да започнеме со фрескоживописување. Сега тој проблем се надминува,благодарејќи ви Вам. Бог да ви го благослови семејството, рече отец Алексо Темелко, врачувајќи му плакета со сликата на црквата „Свети Архангел и Михаил“.

Во рамки на престојот во Пустец, министерот Спасовски, кој беше придружуван од градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски и домаќините ја посетија и пештерската црква на островот Мал Град а положи цвеќе на споменикот на познатиот писател Стерјо Спасе во селото Глобочани оддавајќи му достојна почит.