Во кривичниот суд, беа репродуцирани 4 необјавени бомби во предметот „Трезор“. Во првиот разговор, од 2010 година, ексминистерката Гордана Јанкулоска му потврдува на Зоран Ставрески дека фирмата за набавка на софтверот за потребите на МВР, била „Финзи“.
„Несакајќи ќе дознаеш еден куп работи“, му вели Јанкулоска на Ставрески. Ставрески ѝ одговора дека и тој работел финансии, а немало пари во буџетот.
Во вториот разговор меѓу Сашо и Влатко Мијалков од 2011 година, екс-шефот на УБК му кажува на брат му кој раководеше со Царина, да не ја чепкаат опремата од „Финзи“ која стигнала на аеродромот.
„Има некоја опрема стигната за МВР. На аеродром е. Кажи им да не ја рчкаат“, вели Мијалков.
Последниот разговор е меѓу Саша Глишиќ и Влатко Мијалков, во кој братот на Мијалков му кажува на вработениот во Царината да не ја отвораат опремата.
„Стај ја таму на црвен канал“, му наредува Влатко на Глишиќ. Следното рочиште за „Трезор“ со доказната постапка е закажано на 10 септември.
Првообвинет во „Трезор“ е Сашо Мијалков, ексдиректорот на УБК, заедно со Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски, поранешен шеф на неговиот кабинет. Случајот на специјалното јавно обвинителство се однесува на злоупотреба на вкупно 862 045 евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата управа.
Васко Маглешов
