Сопственик обвинува дека општина Гази Баба проектирала улица на неговиот имот без да го консултира

Од:

Сопственикот на имот кој се наоѓа до објектот на универзитетот ФОН, Киро Тошевски, ја обвини општина Гази Баба дека планира да му проектира улица на неговиот имот без да го консултира. Станува збор за имот кој се води на правното лице „БАНА ДООЕЛ“ од Скопје, за кој од имотниот лист произлегува дека е со вкупна површина од 12,612 квадратни метри, впишани во 2014 година. На таа катастарска парцела, во тек е постапка за изготвување детален урбанистички план.

Инвеститорот е убеден дека ќе им биде одземен дел од имотот, односно дека ќе немаат пристап до парцелата која е во нивна сопственост. Од „БАНА ДООЕЛ“ тврдат дека постапката за изготвување на ДУП-от е направена со манипулации во кои се инволвирани лица од општина Гази Баба, како и сопственикот на соседната парцела, бизнисменот Фијат Цаноски. „Макфакс“ го контактираше Цаноски. Тој вели дека не нарачувал промена на деталниот урбанистички план. „Јас имам чист плац со 3 влезаи не сум замешан во изготвување на никакви промени“, рече Цаноски.

„Ние дадовме согласност“, вели Цаноски за проектирањето улица, но потенцира дека за сите промени на катастарската парцела согласност треба да дадат и другите сопственици. Тошевски пак, тврди дека зад барањето за проектирање улица, стојат фирмите на Цаноски, „Фине“. Инвеститорот најави тужба за нарушено владение за како што вели, узурпацијата на нивниот приватен имот.

Општината добила и писмо од инвеститорот во кое пишува дека „БАНА ДООЕЛ“ не се согласува да биде проектирана улица на парцелата која е на нивен имот. Добиле известување од Општина Гази Баба дека ќе го информираат изготвувачот на ДУП-от институтот „ИН-ПУМА ДОО“ од Скопје.

„Макфакс“ минатиот петок испрати прашања до Општина Гази Баба. До овој момент не добивме повратен одговор. Минатата недела го контактиравме и градоначалникот на општината, но тој не одговори на телефонскиот повик.

Васко Маглешов