Од вечерашниот протест против промена на името, демонстрантите се упатија кон резиденцијата на претседателот Ѓорге Иванов, на кого сакаа да му дадат писмо со поддршка да не попушта во неговиот став.
Тие тргнаа од пред Собранието со цел како што кажаа да му дадат поддршка на последниот бастион.
-Да му дадеме силна поддршка на тој бастион, тој е бастион во овие моменти кога има толку многу предавници. Тој е единствениот легитимен, сите други се нелегитимни, сите треба да си одат. Сакаме да му кажеме и да му дадеме храброст, да не се плаши зашто ние ме со него, ја има нашата поддршка, како морална така и физичка, ние ќе го браниме, порачаа од пред Собранието.
Целата надеж сега ни е во Иванов, не треба да се стави името на референдум, тоа е современ геноцид. Македонскиот народ не може веќе да го трпи овој терор што го прави власта, треба да дојде народна власт која ќе се бори за македонскиот народ и македонската држава. Ние сто години не можеме да кренеме глава од проблеми кои сега ги потврдуваат со овој договор, кажаа дел од демонстрантите.
Претседателот вечерва не бил во резиденцијата, а од неговиот кабинет најавија дека Иванов утре ќе ги прими претставниците на средба.