Димитров и Коѕијас го потпишаа договорот за решавање на спорот за името

Од:

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Претходно, се обратија премиеротите на Макеоднија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден.

– Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е – возможно. Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, нагласи премиерот Заев.

Со договорот е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.

Македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето денеска по потпишувањето на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, дека државата е горда што одбрала решение што обединува и оти „на темелите од минатото – градиме иднина“

Со Договорот што е потпишан денеска се создава шанса и тоа е историска можност за засилена соработка, посилни економски врски и повисок раст и развој.

– Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината, рече премиерот Заев.

Тој упати и порака до противниците на Договорот во двете држави.

– Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не се, и никогаш не смее да бидат опции за Европа, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас редбата во Преспа ја оквалификува како состанок со историјата поради историското значење на областа.

– Денес се наоѓаме тука гледајќи ја во очи историјата на нашите народи, се наоѓаме овде за и двајцата да ја извршиме нашата патриотска должност, рече грчкиот премиер.

Говорејќи за договорот, Алексис Ципрас рече дека е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

– Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи, истакна грчкиот премиер.

– Во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна … Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот, рече грчкиот премиер, рече грчкиот премиер

Грчкиот премиер им се заблагодари на присутните, но и на медијаторот и спомена дека Метју Нимиц денес има роденден, велејќи дека не можело да се одбере подобар ден за потпишувањето на договорот од денот на неговиот роденден.

И премиерот Заев им се заблагодари на амбасадорот Метју Нимиц, кому денеска му е роденден, кој посвети речиси три децении од својот живот во медијацијата на ова прашање.

Тој им заблагодари и на ЕУ, САД и сојузниците од НАТО.

– Сакам посебно да им се заблагодарам и на шефовите на државите и на владите на нашите соседни земји. Нивното охрабрување и помош беа од пресудно значење во одредени моменти, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

На свечената церемонија присуствуваат и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на ОН во решавање на спорот, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на ЕК, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Во македонската делегација освен премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров, беа и вицепремиерите – министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонска страна на Преспа, во Отешево, каде што ќе има билатерален разговор и свечен ручек.