Едмонд Адеми: Достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира иднината

Од:

Овие денови, сите ние, граѓаните на Република Македонија, во државата и во дијаспората, учествуваме и го испишуваме новото поглавје во нашата историја. Поглавје во кое со конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство го решаваме отвореното прашање меѓу Република Македонија и Република Грција, истовремено градиме пријателство и меѓусебна доверба меѓу двете држави и двата народа, кое никогаш не било поголемо.

Ова го истакна министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми за договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името.

– Ставаме крај на тридецениски спор и излегуваме од стегите на изолацијата. Сите ние храбро влегуваме во решавање на спор што земјата ја влечеше надолу. Кога се мислеше дека нема излез, ние се одваживме. Пред нас е договор во кој е исцртана достоинствена визија за нашата земја и тргнуваме напред. Договорот ги утврдува на пријателски начин интерпретациите на поимот Македонија, при што на достоинствен начин се заштитени достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на нашите граѓани, вели Адеми.

Македонците, како што рече, имаат право да се определуваат како Македонци без никакви ограничувања.

– Македонски јазик, македонски народ, Македонец, Македонка, заштитени и зајакнати. Потврден македонски идентитет признаен од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Засекогаш, нагласува Адеми.

Според него, во рацете на граѓаните е клучот за отворање европска перспектива за економски развој и подобар живот. Граѓаните на Македонија, како што рече, се тие што ќе го дадат последниот збор, доистоинствено и слободно на референдум.

Едмонд Адеми апелира граѓаните да не се плашат и да не се колебаат за нивната иднина и оти имаат можност сами да одлучат за договорот на референдум.

– Знаеме дека имаме добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина, нагласи Адеми.