Жерновски-Гарет: Амбасадорот ги поздрави храброста и лидерството на Заев за решавањето на спорот за името

Од:

Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска се сретна со Амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Чарлс Гарет. Средбата се одржа пред завршувањето на мандатот на британскиот Амбасадор и неговото заминување од Република Македонија, предвидено за почетокот на јули 2018 година.

За време на средбата, ЗМНР Жерновски се заблагодари за работата и активниот ангажман на британскиот Амбасадор во остварувањето на неговата дипломатска функција во Република Македонија и унапредувањето на односите меѓу двете земји, во изминатите четири години.

Двајцата соговорници го поздравија нагорниот тренд на билатералните политички односи, а во тој контекст ја нагласија неодамнешната историска посета на британскиот премиер Тереза Меј, како и заедничката изјава за партнерство и соработка, која министрите Димитров и Данкан ја потпишаа во Лондон. Реализираната посета и потпишаната заедничка изјава претставуваат недвосмислен показател за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за Република Македонија и за Регионот.

Заменикот министер Жерновски и британскиот амбасадор Гарет разменија мислења за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во Република Македонија, како и за реформската агенда, пред се’ во областа на правосудството. Се разговараше и за постигнатиот договор помеѓу премиерите на Република Македонија, Зоран Заев и на Грција, Алексис Ципрас, за надминување на повеќедеценискиот спор, при што Амбасадорот Гарет ја поздрави храброста и лидерството на македонскиот Премиер. Исто така, амбасадорот Гарет, истакна дека британските интереси за стабилен и просперитетен Западен Балкан остануваат непроменети, изразувајќи уверување дека поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија нема да изостане ниту во наредниот период.