Општина Виница ќе добие 14 милиони денари за проширување на филтер станицата за вода

Од:

Министерството за транспорт и врски обезбеди 14 милиони денари за подобрување на квалитетот на водата од јавната водоводна мрежа во општина Виница. Планирано е парите да се инвестираат во проширување на постојната филтер станица.

Министерот Горан Сугарески, при денешната посета на Виница, информираше дека веќе е одобрен проектот што локалната самоуправа го изготви и го поднесе за оваа капитална инвестиција.

– Средствата што ги доделуваме на општина Виница ќе може да ги искористи во наредниот период за да го зголеми капацитетот на филтер станицата, со оглед што е при крај втората фаза од реконструкцијата на деталната водоводна мрежа со должина од 3,5 километри. Во Миниситерството за транспорт и врски работиме на обезбедување кредитна линија за изградба на водоводна и канализациска мрежа и за локални патишта. Ги охрабрувам и останатите градоначалници да поднесуваат проекти за да добијат финансиска поддршка од нас, рече министерот Сугарески.

Министерството за транспорт и врски во соработка со ЈП за државни патишта веќе обезбеди околу 90 милиони денари за реконструкција регионалните патишта во овој дел од државата. Градежни работи се почнати на делниците Виница – Делчево и Виница – Берово со вкупна должина од околу 20 километри.