Република Северна Македонија, со превод на сите јазици е договорот кој е постигнат со Грција, изјави премиерот на Македонија, Зоран Заев во неговото денешно обраќање.
– Доаѓа подобро време за Македонија. Шансата е тука и мора да се искористи, храбро и смело. Се осмеливме зашто не сакаме порази, туку победи. Ние се определивме за иднина. Имаме историско вековно решение, решавајќи го спорот градиме пријателство меѓу двете земји и двата народи. Во нашите раце е клучот за отворање на европската перспектива, за најдобра заштита на идентитетот и иднината на македонските граѓани. Решаваме две и пол децениски спор кој земјата ја влечеше надолу. Со решението го јакнеме идентитетот македонски, македонски јазик, македонски народ, Македонец, Македонка, заштитени и зајакнати еднаш засекогаш. Нема веќе ФИРОМ, нема веќе меѓународни договори во кои се избегнува македонскиот јазик, рече премиерот Зоран Заев.
Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во ОН – македонски, macedonian, без фуснота. Нациоанлноста е македонска/граѓани на Република Северна Македонија и соодветно на англиски јазик.
– Нашиот влог во компромизот е дефинирање и прецизирање на име за нашата држава – Република Северна Македонија, со превод на сите јазици. Името е предвидено да е за севкупна употреба, прецизирано со амандман во уставот, додаде премиерот.
Силно веруваме на самитот на НАТО , Македонија ќе добие покана за полноправно членство. Сите детали се тука, пред очите на јавноста. Со договорот се гарантира дека на есен ќе има референдум, граѓаните ќе одлучат за иднината. Новиот Илинден кој ги повикува сите, државниот врв, позицијата, опозицијата, граѓаните да бидеме дел од нашата иднина. По референдумот, Грција ќе го ратификува договорот и за нашето членство во НАТО.Со решавањето на прашањето за името стануваме членка на НАТО, назад нема, ќе застанеме рамо до рамо со нашите партнери, ќе се гарантира безбедноста а со тоа и економскиот развој, додаде Заев.
– Не е лесно ова прашање, доста беа празни зборови, така изминаа 25 години. Македонија нема веќе генерации за губење. Повикувам на обединување околу државните приоритети, претседателот, опозицијата да дадеме максимален придонес за прогрес. Договорот станува валиден кога ќе се ратификува од парламентите на двете земји, по нашиот референдум, по уставните промени, од тогаш почнува меѓународната употреба. Со внатрешната употреба, не подолго од пет години, на пример во образованието дипломите треба да се променат во рок од пет години, рече Заев.
– Во четврток ќе го доставиме договорот до шефот на опозицијата, утре ќе се сретнеме со претседателот. Викендов ќе организираме средба, беше најавено дека ќе биде во Преспа, но уште не се знае. Референдумот треба да биде на есен, со успешен референдум Грција треба да го ратификува договорот. Грција го прифати македонскиот идентитет, го прифати македонскиот јазик, додаде премиерот.
– Ќе одлучиме дали е задолжителен и консултативен референдумот ќе значи задолжителност за институциите во државата, рече Заев. Кога договорот ќе стане прифатлив за двете страни ќе ги информираме сите 193 земји членки кои не признале како Македонија. Сето тоа што произлегува од идентитетот, секаде ќе се употребува македонски, македонска. Владата ќе биде Влада на Северна Македонија, а ќе зборуваме за македонска влада. Кодовите на интернет остануваат МК, а регистерските таблички ќе бидат сменети, рече Заев.