„Дај Мито“ – креативен активизам за проблемот навлезен во сите пори на македонското општество

Од:

Корупцијата во Македонија е препознаена како огромен проблем. Злоупотребата на дадената доверба за лична добивка е систем на однесување кој е длабоко навлезен во сите пори на македонското општество, а реално го чини општеството слобода, здравје, пари, а понекогаш и човечки животи, велат организаторите на „Дај Мито“ – активистичката акција за борба против корупцијата во Македонија.

Акцијата замислена како перформанс се случи денес на повеќе локации низ Скопје, при што на хумористичен и сатиричен начин се осврна на нефункционалноста на Државната Комисија за спречување на корупција, корупцијата која постои во институциите, но и граѓаните кои се подготвени да дадат мито.

„Со акцијата ‘Дај Мито’ е предвидено основање и функционирањето на новата Агенција за рамноправна редистрибуција на мито. Нејзина основна цел е да ја одржи и усоврши културата на давање мито во Македонија преку олеснување на процесот на давање мито за сите засегнати страни. Олеснувањето на процесот е овозможено со формирање на т.н. пунктови каде граѓаните ќе можат да остават мито за различните услуги кои ги нудат македонските институции заедно со инструкции за тоа како тие треба да се однесуваат и на што точно треба да внимаваат при самото давање мито“, на шеговит и саркастичен начин ја објаснија организаторите денешната активистичка акција.

Оттаму додаваат дека екстремното високо ниво на корупција, но и статус-кво состојбата во однос на решавањето на овој проблем, побарува нови, креативни идеи и начини кои ќе алармираат за состојбите и ќе направат притисок за што поскоро решавање на корупцијата.

Спред податоците до кои дошле организаторите, во Македонија, споредено со трендовите во борбата со корупцијата во земјите од регионот, резултатите се поразителни.

„Според последниот извештај на ‘Транспаренси Интернешнл”, Македонија паѓа од 69 на 107 место на листата, што е пад 38 места, односно има оценка 35/100 со што Македонијa спаѓа во групата на земји со висока корупција. Во Македонија во 2016, 30% од граѓаните изјавиле дека им било побарано мито, а 29% платиле, односно дале мито. Во 2017, на 36% од граѓаните им било побарано мито, 31% дале мито. 90% од граѓаните во Македонија никогаш, односно воопшто не пријавиле корупција“, се наведува во соопштението.