На Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје денеска беше пуштен во употреба реновираниот Оддел за хибридна конвенционална нуклеарно-медицинска дијагностика и беше промовирана нова SPECT/CT гама камера.
Инвестицијата е реализирана со поддршка на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), со која Република Македонија има потпишано програмска рамка за техничка соработка, а национален координатор на активностите е Министерството за образование и наука.
– Денес промовираме модернизирани услови за работа и нова опрема, која има двојна важност, односно значи осовременување на медицинската дијагностика од една страна, а од друга страна ќе обезбеди унапредување на можностите за истражување во областа на нуклеарната медицина, што е од особено големо значење поради следење на современите текови и трендови во оваа област и за напредок во работењето на домашните научници и истражувачи, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми кој присуствуваше на настанот.
Тој се заблагодари на МААЕ за континуираната поддршка и придонес во унапредувањето на националниот систем за здравствена заштита, земјоделството, безбедноста на храната, културното наследство и повеќе други области, потенцирајќи дека очекува плодната и успешна соработка да продолжи да се продлабочува и со уште поголеми резултати.
Нагласи дека секогаш кога постои можност, вложувањата во науката треба да се зголемуваат колку што е можно повеќе, затоа што станува збор за област која е еден од основните столбови на севкупниот општествено-економски просперитет на земјите кои, како што рече, немаат друга алтернатива за напредок освен да вложуваат и на глобалниот свет да му понудат квалитетни знаења, современи научни достигнувања и иновации.