Драма во тетовско: Обвинет за убиство фрлил бомба кон полицијата по што бил усмртен

Од:

Во раните утрински часови припадници на Министерството за внатрешни работи при обид за апсење на лицето Ј.Р. во тетовското село Ларце влегле во престрелка со огнено оружје откако лицето одбило да и се предаде на полицијата. При преземање на мерки за негово лишување од слобода, лицето Ј.Р. фрлил рачна бомба кон полициските службеници, а потоа се дал во бегство. При повторниот обид за негово лишување од слобода на околу 200 метри од неговата куќа, лицето повторно отворило оган кон полициските службеници пукало, притоа повторно обидувајќи се да фрли и рачна бомба кон нив, по што е возвратено и лицето е лишено од живот, информираат од МВР.

Ј.Р. бил облечен во панцирен елек и вооружен со автоматска пушка со три рамки со куршуми, карабин, пиштол марка ТТ 7.62 со рамка куршуми и четири рачни бомби. Лицето било на меѓународна и централни потерници за издржување вкупна казна затвор во траење од 26 години и 10 месеци. Имено се работи за лице против коешто во периодот од 2000 до 2016 година, до ОЈО Тетово и ОЈО Скопје се поднесени шест кривични пријави за сторени 16 тешки форми на кривични дела помеѓу кои кривични дела: “убиство“, “убиство во обид“, “грабнување“, “противправно лишување од слобода“, “недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“, како и кривични дела – “тешка кражба“, “разбојничка кражба“, “одземање на моторно возило “, “тешка телесна повреда“ и “учество во тепачка“.

На местото на настанот во тек е увид од Јавен обвинител од ОЈО Тетово, увидна екипа од СВР Тетово, лекар по судска медицина и стручни служби од Министерството за внатрешни работи.

Во периодот кога Ј.Р. се наоѓал во бегство, во четири наврати од страна на полициски службеници направени се обиди истиот да се лиши од слобода, меѓутоа во сите случаи истиот пружил активен отпор со употреба на различни видови на оружје кон полициските службеници.

Виктор Јованов